По повод Празникот на Општината – Петровден, Советот на Општина Кочани одржа свечена седница, на која беа доделени највисоките општински награди и признанија.
Наградата за животно дело постхумно му беше доделена на академик Благој Попов, истакнат професор по математички науки и еден од основоположниците на Македонската академија на науките и уметностите. Ја прими неговиот син, професор д-р Оливер Попов, кој истакна дека доколку неговиот татко бил жив, ќе ѝ се радувал најмногу на оваа награда.
– Тој рано го напуштил Кочани, во деветтата година, но само физички. Секогаш беше со својот роден град. Затоа знам дека оваа награда ќе му значеше многу – рече од говорницата синот на академикот Попов.
Академик Благој Попов бил ректор на УКИМ, декан на Природно-математичкиот факултет во два наврата. Во видеопрезентацијата беше претставен како остроумен и правичен, непосреден, конкретен и искрен, грижлив, но и толерантен, добар организатор и иницијатор на разни активности, посветен на математиката и едукатор на бројни генерации студенти.
Наградата за значајни остварувања годинава ја доби Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“, институцијата која веќе втора деценија го осмислува и организира Новогодишниот концерт. Изминатиов период своите концертни активности ги претстави на меѓународната сцена: во Истанбул и Бурса во Турција и во Швајцарија.
Ова општинско училиште важи за расадник на музички таленти, кое во континуитет дава значен придонес во градењето на музичката култура во Кочани и пошироко. Наградата е парична и е во износ на пет просечни плати во Република Македонија.
На свечената седница, обраќање за постигнатите резултати меѓу двата имаше градоначалникот Ратко Димитровски, а во културно-уметничкиот дел настапија Ангелина Катмерова Алексова и Оливер Стоименов.