По повод Светскиот ден на книгата и авторското право, професорот по македонски јазик и литература Доне Донев, организираше литературна средба на учениците од СОУ „Љупчо Сантов“ со поетот Михаил Ренџов.

Покрај делото „Псалми“, коешто е средношколска лектира, тема на разговор со поетот Ренџов беше неговото творештво и книгата воопшто.

– Едно време беше поинаку, Светскиот ден на книгата ја славеше величественоста на духот човечки, сега тоа е поопаднато, но се надевам дека книгата е вечна и таа е најубавиот човечки изум, создаден за да го направи човекот бесмртен, да го направи вечен. Јас, откако знам за себе, сум поет, а суштината на секој творец е, ако му е судено да живее кусо, да остави нешто зад себе, за да покаже дека некогаш живеел. Сакам моето творештво да го продолжи мојот живот, сеќавањето за поетот е голема работа – кажа Ренџов пред присутните.

Познатиот македонски поет, автор на 26 книги, за ваквите литературни дружби рече дека своевремено тоа биле радосни средби со писателите кои веќе ги нема и дека сега е време на политиката, но не и време на убавината.

Ренџов им врачи награди на тројцата најдобри оратори од СОУ „Љупчо Сантов“, кои со извадоци од своето говорење се претставија на литературната средба.