Во рамките на посетата на Кочани, по повод завршувањето на реконструкцијата и санацијата на објектот на Полициската станица од општа надлежност, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари средба со градоначалникот Николчо Илијев.
– Отворивме повеќе теми и заеднички заклучивме дека соработката меѓу Полициската станица од општа надлежност во Кочани и Општина Кочани е на високо ниво. Сите заедно констатиравме дека треба заеднички да работиме на подигање на свеста кај граѓаните во повеќе домени: во делот на безбедноста, во безбедноста во сообраќајот каде има работи кои ние како локална самоуправа треба да ги подобриме – осветлување, поставување сообраќајни знаци. Отворивме тема и за пожарите. Од овој состанок ќе произлезат многу задачи кои сите заедно ќе треба да ги сработиме за да ја подобриме целокупната состојба – изјави по средбата градоначалникот Илијев.
Министерот Спасовски соопшти дека се анализира состојбата на подрачјето на Полициската станица во Кочани за да може потоа да се произнесат дали ќе пристапат кон промена на Законот и менување на статусот на Полициската станица Кочани во Сектор за внатрешни работи.
– Со градоначалникот разговаравме за актуелните и за идните проекти во Општина Кочани за кои треба да обезбедиме поддршка од Владата. Пособно задоволство е што од една задолжена општина за 20 месеци имаме целосно ликвидна општина со буџет од кој се реализираат проекти од интерес на граѓаните и тоа треба да се почитува. Разговаравме и со Советот на Општина Кочани и со Советот за превенција, во делот на идните активности, особено околу превенцијата. Посебен проблем се евентуалните пожари кои настануваат со палење на стрништата. Затоа, најавуваме дека ќе ги преземеме сите мерки и апелираме до граѓаните да не посегнуваат по палење на земјоделските површини бидејќи ќе преземаме репресивни мерки за секого што ќе ја загадува животната средина и на тој начин ќе ги доведе во опасност здравјето и животот на граѓаните. Повикувам секој од вас да придонесе во реализацијата на овие активности – рече Спасовски.
Министерот истакна дека во изминатитот период од државниот буџет се вложени околу 7,5 милиони денари со кои е извршена реконструкција на зградата на Полициската станица во Кочани со што се обезбедени подобри услови за работа на полициските службеници и за пристапот кон граѓаните.