Во добри и во лоши времиња, во растови и падови, Кочани останува познат како град на оризот. Земјоделската традиција е длабоко навлезена во културата и обичаите на кочанци, а оваа манифестацијата е чувар на дел од нашата културна историја, на духовното и материјалното наследство.

Ова го истакна градоначалникот Николчо Илијев по започнувањето на традиционалната жетва на ориз во Кочани, додавајќи дека скапото производство и лошиот пласман ја намалува атрактивноста за одгледување ориз. Факт е дека оризот како земјоделска култура со стратегиско значење за Кочани, треба посериозно да се заштити.

На презентацијата на обичаите зажнејување и вршење, присуствуваше и министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

– Со традиционалното зажнејување и официјално ја започнуваме годинашнава жетва на оризот. Изминатите години кај оризот имавме стагнација во поглед на вложувањата од страна на државата, како и воведувањето на нови сорти. Ние, уште првата година од мандатот го поддржавме домашното земјоделско производство со линеарно зголемување на субвенциите за 10 проценти, а кај оризот зголемувањето беше и до 300 проценти. И оваа година ја следиме состојбата со движењето на цените на пазарот, како на домашниот така и на светскиот пазар, одржавме повеќе состаноци со производителите и со откупувачите на ориз. Од тука, од Кочани најавувам дека на следната владина седница ќе донесеме мерки за поддршка на оваа култура, за да го направиме и ова производство порентабилно, порача министерот Николовски.

Николовски истакна дека кочанскиот ориз е изграден и препознатлив бренд од Македонија, по својот квалитет и своите карактеристични својства, но на пазарот се соочува со сè поголема конкуренција од другите држави, како Турција и Италија.

– Со Програмата за рурален развој за 2019 година, ќе има финансиска поддршка за реконструкција и инвестиции во опрема во Институтот за ориз во Кочани, кој претставува база за развој и модернизирање на производството на ориз преку воведување нови сорти, кои се барани на странските пазари – најави министерот Николовски.

Годинава се засеани околу 3000 хектари ориз и се очекува принос од 15.000 тони оризова арпа.