На средбата со градоначалникот Ратко Димитровски и претставници на ромските здруженија се разговараше за досегашните актовности во образованието и социјалната заштита.
Според министерот Мустафа, забележителен е напредокот во подобрувањето на условите за живот на овие наши сограѓани, а таквиот тренд ќе продолжи и во наредниот период.
– Секоја година инвестираме во подобрување на инфраструктурата каде што живеат Ромите, со нов асфалт, канализација, водовод… Сѐ уште има проблеми кои треба постепено да се решаваат. Меѓу нив е обезбедувањето места во градинките за децата Роми, стипендирањето на средношколците од ромска припадност и др.
Градоначалникот Ратко Димитровски истакна дека Кочани е меѓу најдобрите општини во државата која посветува внимание на решавањето на проблемите што ги има ромската популација, посебно во процесот на образованието и социјалната заштита. За оваа година, тој го најави довршувањето на улицата „Стамен Манов“ во Ромското Маало, со средства од Владата на Македонија и Општина Кочани.
При посетата на Кочани, германски експерт изврши специјален мониторинг на работата на Ромските информативни центри и медијаторите. Од оваа година ќе се воведе посебен метод со конкретни податоци, име, презиме и потпис на лицата што примиле помош од Ромските информативни центри. Целта е да се постигне поголем успех со иницијативата за помош во борбата против сиромаштијата кај Ромите.