Министерот без ресор во Владата на Република Македонија, Неждет Мустафа беше во работна посета на Општина Кочани.

Со градоначалникот Ратко Димитровски, тие го посетија клонот 4 во Детската градинка „Павлина Велјанова“, каде што се реализира проектот „Инклузија на децата Роми“. При посетата, директорката Лидија Серафимова ги запозна со актуелните проекти во оваа институција, посебно со подготовката на просториите за новиот центар за деца со посебни потреби.

Министерот Мустафа и градоначалникот Димитровски го посетија и Ромското Маало во Кочани, каде неодамна беше завршено асфалтирањето на крак од улицата „Стамен Манов“.

– Задоволен сум што Ромското Маало во Кочани го смени изгледот. Со средства од „Декадата на Ромите“ успеавме да им овозможиме на жителите од овој дел на Кочани да газат по асфалт, проект за кој ќе ни бидат благодарни многу генерации. Нашето внимание и понатаму ќе биде свртено кон решавање на суштинските прашања за ромската популација во Македонија – најави министерот Мустафа.

Градоначалникот Димитровски соопшти дека е асфалтиран крак во должина од 152 метри и широчина од 5 метри, поставени се рабници и тампон. Еден и пол милион денари се обезбедени од Владата на Република Македонија, преку Програмата за финансирање „Декада на Ромите“, а 200 илјади денари се од Буџетот на Општина Кочани.