Околу 15,4 милиони денари се инвестирани во пробивањето и изградбата на новото сообраќајно поврзување на Кочани со населбите Оризари и Гратче, со што се подобрува и се скратува патната комуникација за мештаните. Во наредниот период во Кочани ќе се реализираат уште три инфраструктурни проекти што се оценети како квалитетни и заслужуваат поддршка од државата. Ова го истакна министерот за земјоделство Трајан Димковски при работната посета на Кочани и посетата на асфалтираниот дел од Пазарски пат и на улицата „Мишо Арсов“ во Кочани.
Министерот, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, направија увид во проектите што се реализираат со средства од програмата „Инвестиции во локална патна инфраструктура за поврзување на села со регионален пат или со населено место-град во должина до 7 километри“.
– Со ефикасно искористување на овие мерки ќе се решат проблемите со комуналната и патната инфраструктура во руралните средини, ќе се обезбеди солидна урбана и транспортна инфраструктура во и надвор од руралните населени места, сѐ со цел да ги подобриме условите за живот на граѓаните, што позитивно ќе влијание на рамномерниот локален развој и задржување на младите луѓе овде – рече градоначалникот Илијев истакнувајќи ја благодарноста до државните институции коишто финансиски ги поддржаа овие проекти.
– Околу 38 милиони евра се издвоени од државниот буџет за финансирање на проекти од руралниот развој во сите општини, а тоа се пари со кои се градат и реконструираат локални патишта, водоводи, канализациска мрежа, паркови, тротоари и слични инфраструктурни зафати со цел да се создадат подобри услови за живеење на населението во руралните средини – истакна министерот Димковски.
Новото сообраќајно поврзување на Кочани со околните населени места е со вкупна должина од над два километра, а од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој најавија дополнителна помош за изградба и реконструкција на улици во селата Долни Полог, Мојанци, Тркање, Прибачево, Оризари и изградба на локален пат од Крушка до местото Ајдар.
– За сите овие проекти општина Кочани од Платежната агенција доби финансиска помош од 32,8 милиони денари. Освен тоа, преку Центарот за развој на Источниот плански регион се реализира проектот за изградба на пристапен пат од селото Оризари до манастирот „Пресвета Богородица“, во туристичката населба Добра Вода, за што е дадена финансиска поддршка од близу 13 милиони денари – соопшти Бабовски, директор на Агенцијата.