Министерот за земјоделство Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев денеска имаа работна средба со членовите на Здружението „Бело злато“ на којашто беше направена анализа на генералните земјоделски политики и резултатите на терен.
На средбата се разговараше и за претстојното пријавување за субвенциите, во услови на пандемија кога има посебни протоколи за движење и за работа, за начините како да се организира овој процес а притоа граѓаните да ја завршат работата и да бидат заштитени и тие и вработените во подрачната единица.
– Субвенциите за оризовата арпа од минатата година целосно се исплатени. Од почетокот на јули ќе почне исплаќањето на средствата за „зелената нафта“ за сите земјоделци кои минатата година добиле платежни картички, а оние кои годинава првпат ќе бидат опфатени во програмата, ќе треба решенијата и картичките да ги подигнат во подрачните единици – соопшти министерот Димковски.
Јордан Манасиев, претседател на Здружението „Бело злато“ од Кочани го истакна задоволството кај земјоделците за мерките и политиките што се реализираат преку секторот земјоделство.
На работната средба градоначалникот Николчо Илијев ја истакна потребата од регулација на реката Брегалница.
– Регулацијата на Брегалница многу значи за земјоделството во овој крај и потребно е водата постојано да се држи на едно ниво, со што земјоделските површини нема да бидат загрозени, ќе се овозможи добро планирање на културите, а со тоа и многу подобри резултати. Потребно е да се направи студија која ќе ни ја покаже оправданоста од еден ваков проект, со кој ќе се предвиди целосно уредување на речното корито од Виница до Штип. На овој начин покрај земјоделските ефекти регионот може да добие сосема друг изглед и да има придобивки и во делот на туризмот – образложи Илијев.