Министерката за локална самоуправа Ширет Елези оствари средба со градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.

Димитровски, во улога и на претседател на Советот на Источниот плански регион истакна дека разговарале за соработката на Министерството за локална самоуправа со регионите, посебно за активностите во Источниот плански регион и за Општина Кочани.

– Отворивме и поконкретни прашања кои ќе продолжиме да ги разгледуваме – изјави Димитровски по средбата.

Министерката Елези потенцираше дека во фокусот биле новите инфраструктурни проекти кои се во тек, финансирани од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, новите заемни активности коишто треба да ги направат општините од овој плански регион и новите можности за соработка со меѓународната заедница, прибирањето средства од ИПА-фондовите и од Светска банка, значајни за реализација на инфраструктурните проекти во сите општини од нашата држава.

– За Источниот Регион ние од Министерството за локална самоуправа имаме доделено 20 милиони и 300 илјади денари и тоа се четири најзначајни проекти, од кои за Кочани е изградбата на локалниот пат за Крушка, рече Елези.

Во врска со неодамнешната посета на Хрватска, Словенија и Австрија што беше организирана од страна на Источниот, Југоисточниот и Вардарскиот Регион со поддршка на ГИЗ и на Министерството за локална самоуправа Елези додаде дека таа е од големо значење затоа што целта е размена на искуства при прибирање на европските фондови за реализација на голем број инфраструктурни проекти кои веќе општините во тие земји ги имаат реализирано.

– Целта е градоначалниците од овие региони одблизу да ги видат тие проекти: размена на искуства, иновации, па зошто и да не заемна соработка и можни креирања партнерства или збратимување со општините од тие развиени земји, бидејќи искуствата ни требаат заради подобрување на општинските услуги кон граѓаните – соопшти министерката за локална самоуправа.