Едно лице помалку од вчера или вкупно шеесет и тројца кочанци остануваат во самоизолација, како мерка за заштита од коронавирусот. На подрачјето што го покрива Органот за внатрешни работи – Кочани се наоѓаат уште десетмина  изолирани, од кои шестмина се од Зрновци, а четворица од Чешиново-Облешево. Под посебен режим во изолацијата се наоѓаат и 37 возачи.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев како прв човек на Општинскиот кризен штаб повикува да се почитуваат сите мерки, меѓу кои и ограниченото движење на различните возрасни категории.

– Територијалната противпожарна единица заврши со дезинфекција на влезовите во објектите за колективно домување. Утре е пазарен ден, да потсетиме дека Градскиот пазар останува затворен, а прекинот на работата го продолжува и Библиотеката „Искра“. Како локална власт будно ја следиме состојбата и реагираме според препораките и мерките на Министерството за здравство. Сите заклучоци на Владата и на Кризниот штаб коишто се во функција на превенција од ширење на болеста КОВИД-19 важат до завршување на периодот на постоење на вонредната состојба во земјава – соопшти градоначалникот.

Илијев повикува сите граѓани да се однесуваат совесно, одговорно и грижливо кон јавното здравје, за да се избегнат несаканите последици.