Во мај, Општинскиот совет за безбедност во патниот сообраќај ќе реализира акција со која ќе се даде акцент на зголемената безбедност не велосипедистите во сообраќајот.
– Целта на акцијата е да се подигне свеста кај велосипедистите. Затоа ќе организираме дефиле низ градските улици за да покажеме како треба правилно да се учествува во сообраќајот, рече Кирил Атанасов од Општински совет за безбедност во сообраќајот.
На состанокот на Советот за безбедност во сообраќајот беше донесен заклучок да се изработи и видеоматеријал што ќе се емитува на локалните медиуми. Тој треба да им укаже на велоспедистите како правилно да го управуваат ова превозно средство, како треба да изгледа технички исправен велосипед со сите придружни елементи што тој треба да ги поседува.
Според Атанасов, со акцијата се планира да се обележи една велосипедска патека, на потегот од Стришани кон Лесна индустрија и да се изработат информативни летоци за тоа како да се управува велосипед и кои се негативните страни. На седницата на Општинскиот совет за безбедност во патниот сообраќај беше предложено да се разгледа можноста за изградба и поставување соодветна опрема за паркинг места за велосипеди на пофреквентните места во градот.