Локалниот совет побара од Министерството за животна средина финансиски средства за справување со проблемите со Градската депонија во Кочани до изградбата на Регионалната депонија во Свети Николе и донесување посебен правилник за определување тарифа за услугите што ги дава КЈП „Водовод“ – Кочани на другите соседни општини, коишто го депонираат нивниот отпад на Градската депонија во Кочани. Советот донесе заклучок да се врши строга контрола на Градската депонија и да се оневозможи влегување на неовластени лица кои го палат отпадот и предизвикуваат пожари, во што посебна помош се бара од вработените во МВР – ОВР – Кочани.
Локалниот совет за превенција бара од КЈП „Водовод“, да ја огради и осветли Градската депонија во Кочани со што ќе ја зголеми нејзината превенција и заштита. Се бара да се организират заеднички патроли кои ке ги покриват главните пунктови на патиштата што водат кон ридско-планинскиот регион, а во известувањето и алармирањето за состојбите на теренот да се вклучат и претседателите на месните заедници, невладиниот сектор и локалните медиуми.
Присутните членови на Локалниот совет изгласаа заклучоци со кои бараат координирано дејствување на државните и локалните институции на подрачјето на општина Кочани: Територијалната противпожарната единица – Кочани, Доброволното противпожарно друштво – Кочани, МВР – ОВР – Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Шумската полиција, ЈП „Македонски шуми“ ШС „Осогово“ – Подружница – Кочани, Општинскиот кризен штаб, граѓанскиот сектор и други субјекти, кои ќе придонесат за спречувањето пожари.