Синоќа, во малата сала на Мултикултурниот центар, Локалниот младински совет на Општина Кочани одржа трибина за запознавање на јавноста со неговата улога во општеството и во заедницата.
Целта на трибината беше претставниците на младинските организации и граѓаните на Кочани со свои идеи и предлози да се вклучат во креирањето на Програмата за работа на Локалниот младински совет и активно да соработуваат во реализацијата на зацртаните цели.
Јавната трибина на која, покрај претставници на младинските организации, присуствуваа членови на Советот на Општина Кочани, на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и претставници на граѓански здруженија, помина во конструктивна атмосфера и со поддршка на намерата на младите да работат на реалните потреби и да постигнат видливи и мерливи резултати по прашања од јавен интерес од локално значење.