Шумскиот пожар што избувна вчера (18 септември 2019 г.) во близина на кочанското село Пантелеј е локализиран.

Командирот на Територијалната противпожарна единица – Кочани, Благојчо Паунов соопшти дека е целосно изгасен кон селата Пантелеј и Нивичани, а пожарникарите превенираат проширување кон Ловиштето „Полаки“.

– Со досегашните интервенции, а и според временските услови, не очекуваме натамошно ширење на пожарот – изјави командирот Паунов.

Пожарот што се појави вчера попладне зафати над 50 хектари даб, габер и нискостеблеста шума, на тешко пристапен терен.

Во гасењето на пожарот, екипите на Територијалната противпожарна единица – Кочани и на Шумското стопанство „Осогово“ добија поддршка од соседната Единица од Виница и од месното население, со што брзо беше спречено ширењето кон Пантелеј. До доцните часови во координирањето и интервенцијата беше вклучен и градоначалникот на Кочани Николчо Илијев.