По десетчасовна битка со сите расположливи ресурси на Територијалната противпожарна единица – Кочани, со поддршка од Доброволното противпожарно друштво – Кочани, ТППЕ од Штип и Свети Николе, од Национални шуми, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување – ликвидиран е пожарот на територијата на Чешиново-Облешево.
Командирот на кочанската ТППЕ Драган Апостолов соопшти дека од вчера, кога во 13:11 ч. пристигнала дојавата за пожар на отворено во атарот на селото Врбица, Единицата целосно била мобилизирана. Оганот зафатил сува трева и нискостеблеста шума и со ветерот брзо се ширел кон селото Соколарци, па по стручна процена, била побарана помош од воздухоплови. Интервенцијата со авиони и хеликоптери помогнала пожарот да се локализира. Сепак, ветрот со променлив правец префрлил огнени јазици и кон злетовското село Бунеш, кон Свиланово и Рајчани. Дежурните екипи доцна во ноќта го стабилизирале огнот, а утрово тој е целосно ликвидиран.
Заблагодарувајќи им се на поддршката на сите служби и поединци, како и на месното население што доброволно се вклучило во гасењето на пожарот, командирот Апостолов потсетува на важноста на забраната за движење во шума и повикува на совесно и внимателно однесување со огнот, затоа што штетите од пожарите носат опасност по здравјето на сето население.