Неплански изградените објекти, кои подоцна со постапка за легализација се озаконети, претставуваат рак-рана на урбанистичкото планирање. Некои од нив попречуваат изградба на улици, на приоди кон други објекти и оневозможуваат нормално сообраќајно функционирање.
Во таква ситуација се наоѓа и кочанскиот музичар од светски ранг, Неат Велиов, кој е во инвалидска количка, кој по улицата што води до неговиот дом не може нормално да се движи.
– Четири години сум болен, во количка сум, но не можам да се движам по овој пат, повикувам да се направи, во ова маало имаме мали деца и болни, ниедно такси не сака да дојде овде – вели Велиов.
Според раководителот на Одделението за урбанизам во Општина Кочани, Александар Гицов, дивоградби кои подоцна се легализирани, ја кочеле изградбата на оваа улица.
– Направивме контакти со министерот без ресор Аксел Ахмедовски и веќе се издвоени средства ова парче од околу 280 метри улица да го изградиме и да овозможи нормално движење на жителите од оваа улица. Ние работиме на тоа целосно да го уредиме овој простор, оваа градска четврт која опфаќа повеќе семејства со ниска социјална структура – истакнува Гицов.
За градоначалникот Николчо Илијев дивоградбите се наследен проблем кој со ист или помал интензитет продолжува да загрижува.
– Граѓаните мора да бидат свесни и да им биде јасно за сите последици и ризици кои ги носат со непочитување на законите. Кога е во прашање изградбата на објект без техничка документација, без градежна дозвола, тоа е нелегален објект, се прави кривичен престап, а исто така не постојат никакви услови тој објект да биде легализиран, што значи дека или ќе биде срушен или за цело време на неговото постоење е дивоградба и сопственикот не може да ги оствари своите права кои го следуваат по основ на сопственост – вели Илијев.
Градоначалникот апелира сите граѓани на Кочани се воздржуваат во делот на пречекорувањето на нивните права и да ги почитуваат законите.