– Претходната седмица во Кочани беа уништени повеќе клупи и канти за отпад поставени на јавно-прометните површини во градот и тоа во количини што не се за потценување. Најголем дел од нив се покрај кејот на Кочанска Река откај Центарот за култура – соопшти на прес-конференција техничкиот директор на КЈП „Водовод“, Александар Ефтимов.

Ефтимов додаде дека пермананетно се уништуваат канти за отпад, клупи, зеленило, се кршат насади и покрај поставената заштитна метална конструкција, но Комуналното јавно претпријатие и покрај тоа редовно ги санира сите оштетувања и ги обновува садниците.

„Водовод“ регистрирал штети и на водоводот и канализацијата.

– И таму има оштетувања, уништени се многу хидранти, украдени се славини и казанчиња од јавните тоалети, се краде лим од тезгите на Градскиот пазар. Затоа, апелираме до сите граѓани да не ја уништуваат урбаната опрема. Ние сме подготвени да ги активираме сите релевантни фактори – комуналните редари од КЈП „Водовод“ и од Локалната самоуправа, Полициската станица, за да се преземат казнени мерки – најави Ефтимов.

Од „Водовод“ повикуваат пепелта што се исфрла во контејнерите да не биде во загреана состојба, затоа што така ја пали содржината на садовите за отпад што придонесува за дополнително загадување на воздухот.