Поради најавите за невреме на територијата на Република Северна Македонија, Кризниот штаб предводен од градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев денеска (12 мај 2019 г.) одржа состанок на кој беше разгледана актуелната состојба со водотеците и каналите во Кочанско.
Претставниците од Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Полициската станица од општа надлежност, во координација со Територијална противпожарна единица и Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ го анализираа теренот, предлагаа превентивни мерки и план за акција.
Според градоначалникот Илијев стручните служби ги дефинирале критичните точки и евентуалните проблеми. Општинските служби добиле задача да стапат во контакт со претседателите на месните заедници од низинските населени местa и со оранжериите коишто најчесто се на удар на надојдени води, од кои се побарани превентивни акции и зголемена будност.
Во координација со Водостопанство „Брегалница“ ќе се следат котите на водите во двете вештачки езера „Калиманци“ и „Гратче“.
За наредниот период метеоролозите најавуваат невреме проследено со обилни врнежи од дожд кој може да биде и од 50 до 70 литри на метар квадратен.