Пожарникарите од Триторијалната единица во Кочани ja добија дополнителната заштитна опрема за интервенции, што со јавна набавка ја обезбеди Општина Кочани.

– Противпожарните интервентни чизми служат за дејствување во затворен простор. Тие ги исполнуваат соодветните стандарди за заштита, изработени се од кожа, заштитуваат од пробивање, ѓонот штити од топлина и лизнување, а поседуваат и други карактеристики предвидени со посебен стандард за квалитет. Заштитните поткапи се вклопуваат со маската и ги штитат главата и вратот од изгореници. Составот на материјалот овозможува заштита од хемиски супстанции и при високи концентрации во случај на прскање – образложи Благојчо Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.

Новата опрема ќе ја замени старата дотраена, која кочанските пожарникари ја добија како донација пред повеќе од една деценија.

Наскоро, Општина Кочани ќе ја распише јавната набавка за ново теренско противпожарно возило, за кое се испланирани средства во Буџетот за 2020 година. Според потребите на Единицата, ќе се набави џип што ќе го олесни пристапот и на најнепогодните простори за гасење пожари, особено на полските површини. Ова возило ќе биде прво за Територијалната единица обезбедено со средства од Општина Кочани.