Се работи за проект на Центарот за развој на Источниот плански регион со кој е предвидено исти станици да бидат поставени во сите 11 општини од регионот, а за што се обезбедени 2,16 милиони денари од Швајцарската агенција за развој и соработка и од Министерството за локална самоуправа.
– Со поставувањето на агрометеоролошките станици ќе им се обезбедат информации на земјоделците за навремена заштита на земјоделските култури од атмосферските влијанија, како и да ги планираат сите агротехнички мерки што треба да ги преземаат во одреден период од годината. Уредите што ги содржат станиците ќе ги мерат температурата и влажноста на воздухот, брзината и правецот на ветерот, количината на врнежи, соларната радијација, влажноста на листовите на растенијата, како и температурата и влажноста на почвата. Ќе се изработи и веб-платформа преку која земјоделците ќе добиваат информации за можната појава на болести кај растенијата под влијание на временските услови – истакна Александар Николов од Центарот за развој на Источниот плански регион.
Според Глигор Тодоров, метеоролог и изведувач на проектот, податоците од агрометеоролошката станица, преку бесплатна апликација на мобилен телефон или компјутер, ќе им бидат достапни и на сите граѓани, а новитет е што ќе се изготвуваат модели на биометеоролошките услови, кои врз основа на измерените параметри ќе даваат прогноза за појава и интензитет на полен, мигрена и реума. Со помош на базата на податоци од станицата ќе може да се прават соодветни анализи.
По инсталирањето на агрометеоролошките станици во сите општини од Источниот регион, ќе се спроведе информативна кампања меѓу населението и ќе се изработи пропаганден материјал за начинот на користење на јавно достапните податоци од мерењата.
– Овој проект претставува уште еден доказ дека ние, градоначалниците од Источниот плански регион ги препознаваме проектите кои се од поширок интерес. Агрометеоролошката станица ќе помогне во заштита на земјоделските посеви од болести и непогоди, финансиска заштеда на земјоделците и во зачувување на животната средина. Ѝ благодаирме на Швајцарската агенција за развој и соработка за поддршката – истакна градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев.