Според истражувањето на фискалната транспарентност на општините, реализирано во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, Општина Кочани и во 2023 година останува во групата најтранспарентни општини и го следи општиот тренд на постојано подобрување.
Во фискалната 2022/23 година, Општина Кочани се вбројува во категоријата на десетте најтранспарентни општини со максимален број индексни поени за буџетска транспарентност, со раст од еден индексен поен во однос на претходната година. На скалата од 1 до 16, Општина Кочани во фискалната 2021/2022 имала 15, додека во 2022/23 – 16, т. е. максимален број индексни поени.
Кочани е и во групата на осум општини со висок степен на даночна транспарентност, општини кои се во партнерство со Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите. Даночната транспарентност на Општина Кочани е со висок степен на интензитет, односно 67 %.
Во Извештајот на Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, Општина Кочани е издвоена како еден од добрите примери кои продолжуваат да ги пренесуваат во живо седниците на општинскиот Совет.
Мерењето на буџетската транспарентност на општините е извршено врз основа на степенот и начинот на достапност на документите кои се поврзани со буџетскиот процес кај секоја општина и степенот на учество на засегнатите страни во сите фази од буџетскиот процес, а нивото на даночната транспарентност е утврдено врз основа на достапноста на документи, информации и податоци поврзани со даночниот систем на локално ниво, како и со учеството на граѓаните во носењето одлуки.
Целосниот извештај е достапен на https://cea.org.mk/wp-content/uploads/2019/09/0.-USAID-SRMA-_Fiscal-Transparency-Analysis_CEA_V221082023.pdf