Кочани е една од осумнаесетте општини во државата кои во рамките на проектот за зајакнување на општинските совети, Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), потпиша договор за соработка.
Преку проектот, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, членовите на општинските совети добиваат обуки и поддршка за планирање и трошење на општинските буџети согласно очекувањата на граѓаните, а секоја од општините ќе добие грант во висина од 50 илјади швајцарски франци за приоритетни проекти избрани од граѓаните преку Форумите во заедницата.
На овој начин, учесниците на Форумот во заедницата во Кочани како најприоритетен за реализација од проектниот фонд го избраа предлог-проектот Забавно-рекреативен парк во ОУ „Малина Попиванова“, проект што ќе се реализира со вкупниот фонд од 50 илјади швајцарски франци.
Според постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан, проектот за зајакнување на општинските совети е сеопфатен бидејќи вклучува градење на капацитетите, финансиска поддршка и вмрежување на советниците, со цел да се постигне системска промена кај општинските совети. На овој начин општинските совети ќе станат поефикасни и посамостојно ќе можат да се справат со влијанијата на извршната власт исполнувајќи ги нивните улоги на одлучување, надзор и претставување.
Покрај обуките за советниците и грантот од 50 илјади швајцарски франци, секоја од општините ќе добие и грант во висина од 12 илјади швајцарски франци за имплементација на иновативни IT-решенија за зголемување на транспарентноста и отчетноста на општините, како и учеството на граѓаните во носењето одлуки на локално ниво.
Со проектот се обезбедува и континуирана поддршка на работата на Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините со подготовка на полугодишни и годишни извештаи за финансиското работење на општините, преку кои се следи напредокот на финансиската децентрализација.
Проектот вреден 3,4 милиони швајцарски франци, е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и е имплементиран од УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружението на финансиски работници и UN Women.