По иницијатива на командирот на Полициската станица – Кочани, Горан Велковски, на 22 јули се одржа состанок на тема ,,Преземање мерки и активности од надлежните институции и органи спрема малолетните лица кои вршат кривични дела кражби и просјачење“.
Во расправата на темата беа вклучени и градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, Локалниот совет за превенција, претставници од Основното јавно обвинителство, Основниот суд – Кочани и Центарот за социјални работи.
Димитровски потенцираше дека општината е засегната со проблемот со малолетниците, но и воопшто со кражбите затоа што само оваа година се украдени повеќе од 60 општински сообраќајни знаци кои потоа биле препродавани. Со тоа е нанесена огромна штета, посебно поради предизвикување на сообраќајни незгоди. Регистрирани се и кражби на цвеќиња, водомери, дрвца и друга урбана опрема.
Градоначалникот истакна дека Општината презема мерки околу запишувањето на овие деца на училиште, со обезбедување храна, превоз и облека. Сепак, практиката покажува дека тие деца посетуваат училиште само во септември. Димитровски посочи дека соработката со институциите и нивното координирано дејствување се многу важни заради посакуваните резултати.
На состанокот беше заклучено дека во иднина ќе бидат преземани мерки и против родителите на кои децата често се јавуваат како сторители на прекршоци. Законите пропишуваат казна и за родителот кој ќе го наведе детето на питачење.