По иницијатива на градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов вчера се одржа координативен состанок со претставници од институциите одговорни за зимско одржување на локалната патна инфраструктура.
На работната средба градоначалникот Папазов ја истакна неопходноста од добра меѓуинституционална соработка заради успешно справување со временските услови што претстојат.
Одговорните од Комуналното јавно претпријатие „Водовод“, како институција надлежна за спроведување на Програмата за зимско одржување на локалните патишта и улици, соопштија дека материјално, технички и кадровски се подготвени за претстојниот период. Во постапка е и изборот на економски оператор за одржување на локалните патишта во општина Кочани.
Претставниците на државните служби одговорни за одржување на проодноста на патиштата во општина Кочани ја истакнаа нивната подготвеност за дејствување во зимски услови, со почитување на приоритетните патни правци.