В среда, на 31 август, со почеток во 19:30 ч. во Музичкото училиште „Ристо Јуруков“ концерт ќе одржи Александра Коцевска, мецосопран, со уметничкиот соработник Глигор Гелебешев.
Коцевска и Гелебешев ќе настапат со дела од Џоакино Росини, Сантос, Векерлин, Фернандо Обрадорс…
Коцевска дипломирала соло пеење во класата на проф. Благоја Николовски, а постдипломски студии завршила во класата на Билјана Јовановска Јакимовска. Десетина години се занимавала со педагошка дејност – професор по соло пеење во музичките училишта во Штип и во Скопје, а во моментот е хонорарен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Добитник е на значајни награди и признанија.
Глигор Гелебешев дипломирал на Академијата на уметности во Нови Сад, Србија, во класата на проф. Јокут Михајловиќ, а својата карирера ја започнал како солист и камерен музичар, по магистрирањето на ФМУ во Скопје. Како солист има настапувано на голем број концерти во земјава и во странство, на концерти со Македонската филхармонија и со камерниот оркестар на Македонската филхармонија.
Концертот на Коцевска и на Гелебешев е последната содржина од манифестацијата „Топол културен бран“ во Кочани.