Кинеска компанија, производител на опрема за наводнување, специјализирана за системите капка по капка е заинтересирана за инвестирање во Македонија, поточно во Кочани.
На средбата во Општината, сопственикот на компанијата Ванг Донг и градоначалникот Ратко Димитровски ги разменија првичните информации и на гостите накратко им беа претставени ресурсите и условите што им стојат на располагање за инвестирање кај нас.
– Овде сме за да ги видиме можностите за инвестирање што се нудат, да дознаеме за трошоците за водоснабдување и електрична енергија, што според нас се сосема пристапни. Заинтересирани сме да вложиме овде во еден капацитет што ќе ни овозможи да ги продаваме нашите производи во цела Европа. Се надеваме дека по оваа посета ќе имаме појасна слика за условите за инвестирање кај вас, посебно околу генералната политика за тоа, за финансиските обврски што подоцна би ги имале, како и за поврзаноста на Макеоднија со останатите земји во Европа. Потоа ќе ја донесеме конечната одлука, изјави Донг.
Градоначалникот Димитровски изрази надеж дека наскоро во Кочани ќе биде реализирана уште една странска инвестиција.