Шеснаесетгодишната Мартина Шахинова, членка на Карате клубот „Партизан“ е избрана за спортист на Кочани за 2019 година.
Тоа е една од одлуките во изборот на најуспешните во спортот во Кочани за 2019 година што го извршија претставници на локалните кочански медиуми на 30 јануари 2020 година.
Во спортската кариера таа има забележителни резултати, меѓу кои се минатогодишните осум први места на државни натпревари и на меѓународни турнири. Исто така, Карате федерацијата на Македонија ја прогласи Шахинова за втора најуспешна јуниорка во државата за 2019 година.
На листата на најуспешни спортисти за 2019 година се најдоа: Ѓорги Петров од Карате клубот „Партизан“, гимнастичарите Стојан Анастасов и Ристе Симеонов од КГС „Кочани“, џудистот Дамјан Крстов од Џудо клубот „Гладијатор“, Роберто Здравковски од Карате клубот „Партизан“ и Илија Охомуш од Карате клубот „Кочани“.
За најдобар спортист-спортска надеж е избран каратистот Филип Стојанов од „Партизан“. Во десетте најдобри млади надежи се најдоа: Дино Лазаров од Кошаркарскиот клуб „Баскет Дино“, Наталија Карова од Карате клубот „Кочани“, Стефанија Павлова од Џудо клубот „Гладијатор“, Иларија Цветкова, Лука Цветков и Антонио Јаношевиќ од Клубот за гиманстички спортови „Кочани“, Благоја Тасевски од Карате клубот „Партизан“, Младен Василев од „Баскет Дино“ и Николче Ефремов од Фудбалскиот клуб „Фудбал старс“.
Карате клубот „Партизан“ го понесе признанието за најдобра спортска екипа во општината, а тренерот Оливер Коцев е избран за најуспешен тренер во 2019 г.
Во категоријата спортски работник, по предлог на активот на новинарите, признанието го доби Драганчо Димитровски, претседател на Судискиот актив при Општинскиот фудбалски сојуз од Кочани.
Годинава, Комисијата за избор на спортист на Кочани ја прифати препораката за проширување на листата на награди во Изборот на спортист на Кочани, доставена од координаторката за еднакви можности на жените и мажите во Општина Кочани, според која, од наредната година во Изборот на спортист на Кочани, ќе биде вклучена и наградата за постигнати спортски резултати во категоријата жени. Препораката произлегува од родовата анализа заснована на статистичките податоци за вклученоста и за добитниците на наградите во рамките на манифестацијата „Избор на спортист на Кочани“, а целта е да се охрабрат лицата од помалку застапениот пол, во овој случај девојчињата, да спортуваат и да стремат кон повисоки спортски резулати.
Доделувањето на наградите и признанијата за најуспешните во спортот во Кочани за минатата година ќе се одржи во вторник, на 4 февруари 2020 година.