Денеска во Спортската сала во Кочани, во организација на Источниот плански регион се реализираше кампањата под наслов „За луѓето се работи“. Ученици од сите основни училишта од Кочани се натпреваруваа во влечење јаже и во игрите „Брза географија“ и „Премини ја Брегалница“, а во Спортската сала беа изложени и нивни уметнички изработки и ракотворби од материјали коишто се рециклираат.
– Целта на оваа кампања е да се подигне свеста на луѓето за потребата од заштитени подрачја во Источниот плански регион. Кампањата има повеќе сегменти, а овој е наменет за најмладите коишто се натпреваруваа со цел низ игра и забава да научат повеќе за зачувувањето на природата. Погрешно е толкувањето дека кога ја чуваме природата всушност ги заштитуваме флората и фауната, растенијата и животните. Чувајќи ја природата ние се заштитуваме самите. Целта е децата да научат, а потоа да влијаат и на постарите да применуваат одредени стандарди за тоа како да го заштитиме овој дел – рече Јане Стефанов, креатор на кампањата „За луѓето се работи“.
Кампањата ја организираше Центарот за развој на Источниот плански регион заедно со Програмата за заштита на природата во Македонија поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка.