Четвртата форумска сесија од буџетскиот форум во општина Кочани се одржа на 29 ноември 2016 година, во ресторанот „Аква Кочани“, со почеток во 18 часот.

На четвртата форумска сесија присуствуваа вкупно 101 граѓани од кои 46 жени и 55 мажи. Од нив 97 се Македонци, 4 Роми.

На оваа сесија, граѓаните дадоа вкупно 50 предлози, за расходите на 4 прогхрами и тоа, програмата за изградба и реконструкција на улици и патишта во општина Кочани, програмата за уредување на просторот во руралните подрачја во општина Кочани, програмата за противпожарна заштита во општина Кочани, Програмата за остварување на социјална и детска заштита во општина Кочани.

Истовремено, од страна на Работната група беше презентирана и листата со предлози на граѓаните за расходите на пет –те буџетски програми кои беа дискутирани на третата форумска сесија.

На оваа сесија, граѓаните дадоа вкупно 59 , за расходите на програмите за уредување на градежно земјиште, за развој на културата во општина Кочани, за изградба на водоводна мрежа, за програмата за изградба на фекална канализација во општина Кочани и програмата за развој на спортот во општина Кочани за 2017 год. од кои 47 беа прифатени, 3 предлога се прифатени делумно а 9 предлози не се прифатен од страна на општината.

Целта на буџетскиот форум е да се донесе буџет на транспарентен начин во консултација со граѓаните и според нивните приоритетни потреби.

На петата форумска сесија, учесниците ќе имаат можност да извршат приоритетизација на програмите и проектите кои ќе бидат препорачани до општината за финансирање во 2017 година.

ИЗЈАВИ

Аника Илијевска Ѓорѓиева, одговорното лице за култура во Општина Кочани изјави:

„ Како општина секоја година се трудиме на граѓаните да им понудиме квалитетна програма со разновидни културни настани, што ќе ги задоволат интересите на различните целни групи, генерации и љубители на културата. Културните активности на општина Кочани се реализираат согласно програмата и таа смета дека во нив има културни продукти по вкусот на секој граѓанин, а форумскиот процес е одличен начин да ги избереме најприоритетните проекти за кои има најголем интерес од јавноста. Тоа ќе ни биде насока кон што ќе треба да ги насочиме идните активности и на што треба да дадеме поголем акцент при реализација на програмата од областа на културата.“

Дивна Симеонова – наставник, изјави:

„Како граѓанин заинтересирана сум за буџетот кој го планира општината, односно за обезбедувањето,намената и начинот на трошењето на општинските пари, а преку буџетскиот форум имам можност да се запознаам со целиот процес на буџетирање, планирање и реализација на предвидените средства. Од особено значење, пак, е тоа што можеме да дискутираме за најприоритетните буџетски програми, да ги актуелизираме најважните проекти и да ги кажеме своите потреби како граѓани. Од сето тоа, се добива многу појасна слика кои се можностите и надлежностите на општината, но и кои се правата и одговорностите на населението од локалната заедница кога станува збор за општинскиот буџет .“

Дејан Рашков, раководител на секторот за финансии, изјави:

„Низ буџетскиот форумски процес граѓаните постепено навлегуваат во суштината на работата со финансиите на општината, што и не е така лесно да се објасни и разбере. Се трудиме тоа да го направиме на што поедноставен и за нив прифатлив начин, објаснувајќи им го процесот и структурата на буџетот по програми, категории, сметки и ставки. Во истовреме, ова е исклучително транспарентен начин на кој не само што го презентираме буџетот на општината, туку даваме и отчет за финансиските работи. Иако, секоја година, пред донесувањето и усвојувањето на буџетот, оранизираме јавна расправа за него, сепак интересот за тоа е слаб, за разлика од буџетскиот форум каде граѓаните навистина покажуваат мотивираност да расправаат и да дискутираат за проектирањето и трошењето на општинските пари.“