Третата форумска сесија од буџетскиот форум во општина Кочани се одржа на 16 ноември 2016 година, во ресторанот „Аква Кочани“, со почеток во 18 часот. На оваа сесија присуствуваа 94 граѓани од кои 47 жени и 47 мажи.

На третата форумска сесија граѓаните имаа можност да се запознаат со планираните и реализирани расходи на општина Кочани за 2017 година, споредбено со претходните години и 2016, да дискутираат за расходите на 5 буџетски програми од вкупно девет колку што беа избрани како приоритетни од нивна страна.

На третата форумска сесија главно внимание беше посветено на програмите за уредување на градежно земјиште, за култура, за изградба на водоводна мрежа и за изградба на фекална канализација и програма за развој на спортот во општина Кочани при што од страна на граѓаните беа дадени 60 предлози за приоритетни проекти, кои заслужуваат посебно место за реализација во наредната година.

Истовремено, од страна на Работната група беше презентирана и листата со предлози на граѓаните за дополнителни извори на приходи со кои би се зголемил буџетот на општината.

Целта на буџетскиот форум е да се донесе буџет на транспарентен начин во консултација со граѓаните и според нивните приоритетни потреби.

На четвртата форумска сесија, учесниците ќе дискутираат и ќе даваат предлози за проекти и активности од програмите за социјална и здравствена заштита, програмата за изградба и реконструкција на улици и патишта, уредување на просторот во руралните подрачја во општина Кочани за 2017 година и програмата за противпожарна заштита во општина Кочани.

ИЗЈАВИ

Влатко Димитров, Помошник раководител на Сектор за уредување и располагање со градежно земјиште изјави:

„Програмите од областа на комуналната дејност секогаш најмногу ги засегаат граѓаните, затоа што токму проблемите од основната комунална инфраструктура се најбројни и најприоритетни за нив. Ова особено важи за Кочани како подрачје со голем број населени места, од кои некои се од разбиен тип и не е лесно да се избалансираат потребите на сите жители. Има многу приоритетни проекти и за голем дел од нив е потребен подолг период за реализација, почнувајќи од проектирање, преку обезбедување на финансиски средства, па се до конечна изведба и завршување. Затоа, буџетскиот форум, на кој ќе се предлагаат и гласаат приоритети во буџетските програми, е извонредна можност да се дискутира за нив и да се издвојат најоправданите и најреални проекти што општината ќе може да ги спроведе.“

Марија Георгиева член на работната маса, ЛЕР, бизнис сектор, земјоделие и туризам претставник од ЛАГ изјави:

„Го поздравувам спроведувањето на буџетскиот форум, кој е доказ дека локалната самоуправа има желба и волја да направи што пореален буџет со партиципативно учество на граѓаните. Како претставник на граѓанскиот сектор, посебно ми е задоволство што преку форумот ќе можат да се слушнат и потребите на граѓанските организации на кои навистина им е потребна поддршка од општината за успешно спроведување на нивните програмски активности. Истовремено, се надевам дека дел од нашите предлози ќе се најдат во приоритетите за развој на општината за 2017 година.“

Александра Димитровска, студент член на работната маса, комунални дејности и инфраструктура изјави:

„Учествував и на проектниот форум што општина Кочани го спроведе, а сега активно се вклучив и во буџетскиот форум. Како граѓанин имам интерес да се информирам како се изготвува и како се реализира општинскиот буџет, односно каде се трошат средствата со кои располага општината, а кои се наменети за подобрувањето на квалитетот на живот на жителите. Како директни или индиректни корисници на тие средства, секако дека имаме право и да одлучуваме за приоритетните програми и проекти и да предлагаме нови извори на приходи, кои ќе бидат од корист на локалната заедница.“