Библитеката „Искра“ во Кочани е домаќин на изложбата на слики со наслов: „Патот во логорите на смртта“, којашто ја организираат Кабинетот на министерот Неждет Мустафа и Амбасадата на Унгарија во Република Македонија во соработка со Општина Кочани.

– Изложбата е дел од една поголема колекција фотографии, поставена во Центарот за образование, историја, култура и холокауст на Ромите во Будимпешта, Унгарија. На овие фотографии е претставена трагичната судбина и холокаустот на Ромите во Унгарија за време на Втората светска војна кои, после Евреите, во најголем број биле депортирани во логорите на смртта на фашистичка Германија, рече во своето обраќање амбасадорот на Унгарија, Јожеф Бенце.

Според министерот Неждет Мустафа, овие фотографии се потсетување на историјата коешто никогаш и никаде не треба да се повтори. Мустафа ги истакна заложбите за подобрување на животот на Ромите во сите сегменти.