Во Етнокуќата во Кочани е отворена изложба на дела изработени од Едукативната работилница на тема „Културното наследство во Кочани и Кочанско“ што ја организира Музејската збирка од Кочани, како оддел на Археолошкиот музеј на Македонија.

Автори на делата изработени во различни техники се ученици од основните и средните училишта во Кочани, под менторство на нивните наставници по ликовна уметност.

– Ова е третиот и завршен дел од едукативните работилници коишто традиционално ги организираме. На оваа изложба ги претставуваме изработените дела, со кои учениците се запознаа на презентација што им ја подготвивме за материјалното културно наследство во нашиот крај. Основната цел е јавноста да се запознае со културната историја на овој регион – рече Илинка Атанасова, археолог од Музејската збирка во Кочани.

На годинашнава работилница учествуваа 27 ученици на возраст од 9-16 години. Атанасова и нивните ментори искажаа задоволство од создадените дела.

Изложбата е отворена за заинтересираните посетители секој работен ден од 8.30 до 15.30 ч.