На повидок е решавање на инфраструктурните потреби на жители од улицата „Кирил и Методиј“ во Кочани. Работите ќе започнат со изградба на фекална и атмосферска канализација за три крака од оваа улица.
Според службите за јавни набавки во Општина Кочани, по завршување на аукцијата на која учествувале двајца понудувачи, најниска цена во износ од 8.065.642 денари поднело претпријатието „Калина Оризари“, кое првичната цена ја намалило за 21 %. Проценетата вредност на овој проект од општинските служби изнесуваше околу 10 милиони денари.
„Кирил и Методиј“ е една од единаесетте улици планирани за асфалтирање во наредниот период, со средствата коишто Општина Кочани ги обезбеди од Светска банка. Трите крака се во вкупна должина од 334 метри. Изградбата на канализацијата за отпадни и атмосферски води е соодветно временски испланирана, пред поставувањето асфалт.
На комплетното уредување на овој уличен потег, жителите на населбата Варница чекаат повеќе од две децении, соочувајќи се со низа комунални проблеми од нерешената инфраструктура.