Во наредниот период, со средства од Буџетот на Општина Кочани, ќе се асфалтираат уште четири улици во Кочани: „Борис Ефтимов“, „Васил Главинов“, крак од „9 Мај“ и крак од улицата „565“.
По спроведената отворена постапка, за изведувач на градежните работи е избрана градежната фирма „Стоименов“ од Кочани.
Од улицата „Борис Ефтимов“, којашто се наоѓа во населбата Варница, ќе се асфалтираат 340 м, а делот од „Васил Главинов“ во Белското Маало е со должина од 160 м. Асфалт ќе добие и кракот долг 210 метри од улицата „9 Мај“, кај старата Филтер станица.
Со асфалтирањето на кракот 1 од улицата „565“, во Лесна индустрија целосно ќе биде уредена постојната патна инфраструктура во оваа зона. Во составот на овој крак со површина од 1015 метри квадратни е планирана и изградба на два потпорни ѕида, едниот 22 м, а другиот долг 29 метри. Работите на терен ќе започнат за десетина дена.
Паралелно со овие градежни активности, во градот Кочани ќе се асфалтираат уште 1,4 км улици. Наскоро започнуваат работите на улиците „Кирил и Методи“, кај Споменикот на слободата; „Искра“ крак 1 – исток, во населбата Усова Чешма; „560“ во Лесна индустрија. Ќе се работи и на довршување на улиците „Скопска“ и „558“ („Петар Синадинов“) на спојот со „Скопска“, како и на „Стефка Тасева“, „Скоевска“ и „555“ во Прокарка. За сите е избран изведувач, а нивната реализација е овозможена преку Проектот за подобрување на општинските услуги.