Општина Кочани во соработка со Асоцијацијата на новинари од Општина Кочани и оваа година ја организираше манифестацијата Избор на спортист на годината. На синоќашната свечената манифестација беа доделени признанијата на најуспешните во спортот во Општина Кочани во минатата 2022 година.

Признанието за Најдобар спортист на Кочани за 2022 го понесе фудбалерот на ГФК „Осогово“, Тоше Манов кому градоначалникот Љупчо Папазов лично му ја врачи плакетата. Признанија беа врачени и на Филип Стојанов од КК „Партизан“, Јована Давиткова, Сојуз на училишен спорт, Мартин Андонов од КГС „Кочани“, Наталија Карова од КК „Кочани“ и Симона Веселинова од ЖФК „Кочани“.

Во категоријата Спортска личност на годината избран е Јован Манев, фудбалер којшто е поранешен член на ГФК „Осогово“, а во моментот тренира за ФК „Адана спорт“ Турција, додека наградата за најдобра спортска екипа им припадна на Пингпонгарскиот клуб „Кочани“.

Признанието за Најдобар тренер во 2022 година му припадна на Оливер Јовановски, тренер во ЖФК „Кочани“, а Бранко Богатинов од ГФК „Осогово“ го доби Признанието за Најдобар спортски работник во минатата година.

Асоцијацијата на новинари од Кочани при самиот избор на спортист на годината предложија Признание да му се додели и на Здружението на граѓани „Никола Мантов“ од Кочани, кое несебично се залага за развој на спортот во Кочани, а во категоријата на Млади надежни спортисти, комисијата одлучи сите 14 предложени кандидати, без рангирање да добијат Признание.