Поради истекот на мандатот на членовите на органите на облиците на месната самоуправа, градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов донесе одлука за распишување избори за нови органи на месната самоуправа.
Согласно Статутот на Општина Кочани, ќе се избираат нови членови на органите во девет урбани заедници во Општина Кочани.
На собир на граѓани што ќе се одржи на 22 март, со почеток во 17 ч. ќе се избираат органите на Урбаната заедница 1, а во 18 ч. – на Урбаната заедница 2. Собирите ќе се одржат во објектот „Ѕвездички“ на ЈОУДГ „Павлина Велјанова“ – Кочани (Руенска градинка).
Во Клубот на пензионери во објектот „Колор“, на 21 март, со почеток во 18 ч., ќе се одржи собир на граѓани за избор на органи на Урбаната заедница 3.
Собирите на граѓани за избор на нови органи на урбаните заедници 4 и 5 ќе се одржат на 23 март, со почеток во 17 односно во 18 ч., во салата на Советот на Општина Кочани (Венчална сала).
На истата локација се закажани и собирите на граѓани за новите органи на урбаните заедници 6 и 7, кои ќе се одржат на 24 март, со почеток во 17 и во 18 ч.
За Урбаната заедница 8, собирот на граѓани ќе се одржи на 28 март, со почеток во 17 ч., во просториите на УЗ во Стришани, а за Урбаната заедница 9 – истиот ден, со почеток во 18 ч., во Клубот на пензионери на ул. „Охридска“.
Граѓаните со право на глас треба да понесат документ за идентификација – лична карта.