Земјоделското земјиште во Кочани зафаќа површина од 22.940 ха, од кои 7.312 ха припаѓаат на индивидуалниот сектор. Обработливи се 4.849 ха.
Под овоштарници се 101 ха, 95 ха се лозја, а од нив 86 ха се во индивидуалниот сектор.
Под шуми се 10.267 ха, а пасиштата се на површина од 6.076 ха, а ливадите на 110 ха.
Најкарактеристична земјоделска култура е оризот, па Кочани е познат како град на оризот – град на белото злато. Пределите околу Кочани имаат идеални услови за одгледување квалитетен ориз. Најголем дел од обработливите површини се наводнуваат и тоа преку акумулациски објекти и разгранета каналска мрежа од 280 км.
Според податоците на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во осумдесеттите години на XX век во Кочанско имало околу 6.000 хектари под ориз. Во 1994 година ориз се сеело само на 1.008 ха, а во последниве десетина години оризот се одгледува на околу 4.000 ха. Во последниве четири години приносите се движат над 5.000 кг/ха. Во 2014 година килограм арпа се продавал по цена од 25 денари, а килограм бел ориз од 60-65 денари.
Најзастапени сорти ориз се: „сан андреа“, „монтичели“, „кочански бисер“ и др. Квалитетот на оризот е потврден на саемот во Брисел, „Еурека 2000“, со признанието Гран-при-најдоброто од Македонија, со заштитен знак број 1 – оризот – кочанското бело злато.
Од март 2013 година започна да се реализира проектот „Развој на производството и квалитетот на оризот во Република Македонија“ што го финансира Турската агенција за соработка и координација – ТИКА во соработка со македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со овој проект започнаа активностите за воведување нови, турски сорти ориз на површините на Кочанско Поле.
Според првичните, прелиминарни согледувања на стручниот тим од Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје што ги работи истражувањата, турските сорти ориз во најголем број покажаа повисок принос на зрно, а и подобар рандман од сортата „сан андреа“. Кај поголемиот број турски сорти е регистрирана и пократка вегетација што овозможува порана жетва на оризот.