Група од 65 земјоделки, членки на Федерацијата на жени фармери од Република Словенија на 13 септември 2019 г. престојуваше во Кочани.
Во рамките на посетата која е поддржана од Министерството за земјоделство, гостинките ги посетија Фабриката за преработка на ориз „Даниво“, женското земјоделско стопанство на Ленче Стојанова – регистрирана земјоделка од Кочани, а беа и на оризна нива во Подлог.
– Ние сме невладина организација, која служи за поврзување и соработка на земјоделките од руралните подрачја, кај нас има многу жени кои имаат регистрирани фарми и преработувачки капацитети. Некои работат со млечни производи, некои со овошје, други со зеленчук. Имаме околу 5 илјади членови, наша должност е да ги здружуваме, а со тоа и да ги едуцираме, за да знаат земјоделките да се изборат за своите права и добро да ги претстават своите производи. И кај нас во земјоделството имаме проблеми, секогаш има нешто што не се исплаќа, секогаш знае да снема волја, но ние постоиме да ги образуваме нашите млади и тие да растат на фармите – рече Ирена Уле, претседателка на Федерацијата на жени фармери од Словенија.
На средбата со земјоделките присуствуваше и Никица Бачовски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој потенцираше дека наскоро за првпат ќе биде објавен повик за грант од 3 илјади евра за регистрирани земјоделки, за инвестиции во преработка на земјоделски прозиводи.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев истакна дека овој настан од меѓународно значење е важен за размена на искуства и за подобрување на економската моќ на жените.
Во рамките на четиридневниот престој во Македонија, земјоделките од Словенија ќе ги посетат Прилеп, Крушево, Битола, Ресен и Скопје.