Биолошкиот свет на Осоговските Планини е различен и по многу карактеристики единствен на Балканскиот Полуостров. На Осогово се регистрирани над 110 видови растенија од бугарската и македонската страна, од кои две се ендемични, а 22 се субендемични, што значи дека се наоѓаат во поширокиот предел, Македонија, Бугарија, Албанија и Србија. Ексклузивни за Осогово се жолтата гениста што ја има само на Царев Врв, како и лесновскиот лопен.

Овие податоци ги претстави Евгенија Јордановска од Македонско еколошко друштво – Скопје, на презентацијата во рамките на т.н. „Зелена недела“ што ја финансира ЕУ Инфо-центарот од Скопје, а ја организираше Општина Кочани.

Јордановска истакна дека денес Осогово е една од најдобро проучуваните планини, благодарение на истражувањата што во изминатите осум години ги правеше Македонското еколошко друштво. Инаку, МЕД подготвува популарна книга – тријазично издание – на македонски, бугарски и англиски јазик, во која ќе се најдат сите податоци од истражувањата на Осоговскиот регион.