Викендов околу 500 метри кубни земја се пренесени и истоварени на Градската депонија во Кочани, како мерка со која се контролира состојбата со согорувањето што е резултат на одредени хемиски процеси, но и горењето што беше предизвикано на оваа локација пред неколку денови, од страна на несовесни граѓани.

Паралелно со ова, деновиве раководството на КЈП „Водовод“ и градоначалникот Николчо Илијев одржаа средби со претставници на Месната заедница Бели, со кои се договорени конкретни активности и поддршка во настојувањата да се сведе на мининум загадувањето предизвикано од Градската депонија.

Според надлежните од КЈП „Водовод“, трајното решение на овој децениски проблем е затворање на Градската депонија, што ќе произлезе од зајакнувањето на капацитетот на претпријатијата во регионот што управуваат со отпадот.

За таа цел, Министерството за животна средина и просторно планирање и општините од Источниот и Североисточниот плански регион, со поддршка од ИПА-програмата, односно со средства од Европската Унија, реализираат проект за воспоставување интегриран регионален систем за управување со отпад во овие два региона.

Со реализацијата на овој проект, сегашната Градска депонија во близината на селото Бели ќе згасне, а комуналниот отпад од Кочани ќе се носи на претоварна станица чија локација се планира кај Превалец – Истибања, од каде што ќе се транспортира на регионалната депонија во Свети Николе.

Изградбата на регионалната депонија и изградбата на трансфер-станиците се очекува да започне оваа година.