Со низа активности Општина Кочани во соработка со невладините организации „Авена“, „Анка“ и „Светла иднина“ ќе го одбележи 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите. Дводневната програма има за цел да ја промовира културната разновидност, заедништвото и унапредувањето на правата на ромската заедница.

Одбележувањето започнува на 7 април (вторник), во 9 часот, на спортското игралиште во ОУ „Раде Кратовче“, каде што ЗГ „Авена“ организира турнир во мал фудбал со учество на екипи составени од Роми и Македонци.

Централните активности ќе се реализираат в среда, 8 Април. Во 9 часот, пред зградата на Општина Кочани, ќе биде подигнато ромското знаме, по што градоначалникот Владко Грозданов ќе организира прием на граѓани од ромската заедница.

На 8 Април, во 13 часот, во Паркот на Револуцијата, во организација на Здружението „Анка“ ќе се одржи културно-уметничка програма со изведба на драма, концерт со настап на музички групи од Кочани и други градови, како и забава со диџеј.

Вечерната програма продолжува во 19 часот во ОУ „Св. Кирил и Методиј“, каде што ЦРЗ „Светла иднина“ организира  свечена академија на тема „Ромите денес и утре“.

Со овие активности, Општина Кочани испраќа порака за еднаквост, почитување и заедничко градење на инклузивно општество.