Годинава манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ содржи десетина настани распоредени во периодот од 27 септември до 2 октомври 2021 година.
Поради здравствената криза и неопходните протоколи за заштита од ширење на вирусот, во најголем дел тие ќе се случуваат на отворено.
Централниот дел од манифестацијата, традиционалното зажнејување и вршидба ќе се одржат в сабота, на 2 октомври, на површини на Институт за ориз во Кочани, а носител на презентацијата на обичаите ќе биде Здружението на пензионери – Кочани. Во таа пригода ќе биде доделена наградата на најуспешниот оризопроизводител. Фолклорниот концерт е на платото во Трговскиот центар, со почеток во 13 ч.
Едновремено, в сабота, на 2 октомври, во Трговскиот центар во Кочани, ќе има проекција на анимирани филмови и на едукативни еколошки видеоматеријали поврзани со осоговскиот заштитен предел. Потоа во Центарот за култура „Бели мугри“ ќе се одржи работилница за анимација со ученици од основни училишта во Кочани, која ќе ја водат претставници од Фестивалот „Анимакс“ од Скопје.
Во рамките на манифестацијата ќе бидат промовирани книгите „Византија и Русија од појавата на Русија до смртта на кнезот Владимир“ од Иле Велков и „Аматерски театар ‘Бели мугри’ – Кочани“, од Киро Герасимов. На 1 октомври во дворот на Оу „Малина Попиванова“ ќе се одржи велосипедска работилница, на која наши најмлади сограѓани ќе бидат обучени за користење на велосипедот и за негово одржување.