Од 5 до 12 јули во Кочани ќе се одржат низа настани по повод празникот на градот, Петровден.

– Во рамките на 11. издание на манифестацијата „Петровденски конаци“ што ја организира Центарот за култура „Бели мугри“ – Кочани со поддршка од Министерството за култура и Општина Кочани, а под мотото Музичко будење на градот, фокусот е насочен кон музичките настани. Концерти ќе одржат кочанските групи 4 и 21, Мјау, Шекспир, Криптон, А-позитив и Игуана, тетовската хип-хоп атракција Natty fiyah. На 8 јули на Летната сцена на Центарот за култура ќе настапат Гиш и Гуру Харе, а на 11 јули, во пресрет на Петровден – Тони Китановски Трио. Сите концерти започнуваат во 21:30 ч. – соопшти директорката на „Бели мугри“, Кристина Атанасова Арсова.

Во програмата за одбележување на Петровден, Општина Кочани го вклучува традиционалниот влашки етнофестивал „На Петровден сите на планина“, што ќе се одржи в сабота, на 8 јули, на Пониква. Од 7–11 јули во Кочани ќе се одржи Младинската ликовна колонија „Св. Пантелејмон“, а изработените дела ќе бидат изложени на 11 јули во фоајето на Центарот за култура „Бели мугри“.

– На Духовната академија по повод Петровден, закажана за 11 јули во 19 ч. во „Бели мугри“ ќе настапат црковниот хорови од Лесново, Штип и Радовиш, а утредента е планирана литија и кршење на петровденскиот колач во Градскиот парк во Кочани – најави Аника Илијевска Ѓорѓиева од Одделението за јавни дејности од Општина Кочани.

Според Венцо Бојков, раководител на Одделението за општи и правни работи во Општина Кочани, на 10 јули напладне ќе биде поставен камен-темелник на Пречистителната станица за отпадни води во селото Мојанци, а Советот на Општина Кочани ќе ја одржи свечената седница, на која ќе бидат доделени највисоките општински награди.