Во рамки на проектот „Зелени згради за заедничка зелена иднина – GREEN“ започна со реализација главната активност од проектот, градежните работи на административната зграда на Општина Кочани и промена на нејзината енергетска класа од Д во класа Б.
За таа цел, во средата, на 17 мај во Општина Кочани, претставници од Општина Кочани и Центарот за развој на Источниот плански регион оддржаа координативен состанок со избраниот изведувач на градежните зафати „Анoл импекс“ од Скопје и фирмата одговорна за вршење на надзорот над објектот „Студио Атриум“ од Штип.
Целта на состанокот беше официјално воведување на изведувачот на градежните зафати во работа и запознавање со објектот – административната зграда на Општина Кочани – и дискусија околу динамичкиот план за изведување на работите. Во текот на наредните осум месеци, заклучно со декември 2017 година ќе се изврши промена на фасадата, комплетна промена на надворешните прозорци и врати, промена на кровната изолација на стариот објект, изградба на зелен кров на новата зграда како единствен репрезентативен примерок во регионот, поставување лифт и адаптација на тоалети за лица со физички хендикеп.
На координативниот состанок беше потенцирана потребата од изработка на прецизен динамичен план за изведба на градежните работи што треба да се достави од изведувачот, поради природата на работата и основната функција на институцијата којашто претставува сервис на граѓаните и во ниту еден момент не треба да биде блокирана во својата работа. Градоначалникот Ратко Димитровски истакна дека паралелно со овие градежни активности Општина Кочани ќе работи на замена на комплетната електрична инсталација и на надворешниот влез во зградата.
Проектот „Зелени згради за заедничка зелена иднина“ е финансиран од Интерег ИПА – програмата за прекугранична соработка Македонија-Бугарија. Центарот за развој на Источниот плански регион е водечки партнер во соработка со Обласната администрација Благоевград каде исто така ќе се врши реконструкција на обласната зграда во Благоевград. Вкупната вредност на проектот е 398 илјади евра, а периодот на реализација е до октомври 2018 година.
Со проектот се промовира соработка и нови иновативни практики во делот на заштита и зачувување на животната средина преку употреба на нови технологии и мерки во текот на реализацијата, размена на искуства и најдобри практики помеѓу двата региони.