Синоќа, со концертот на флејта и пијано под наслов „Вечер на македонски автори“ во фоајето на Центарот за култура „Бели мугри“ беше отворено 11. издание на културната манифестација „ Петровденски конаци“.
– Зачувувањето на посебноста на еден народ е поврзано со негувањето на традицијата, на неговите корени. Кочанци кон придонесот во културната историја на својот народ, ја вградуваат петровденската слава. Петровден останува вграден во нашето минато и токму со намера да ја заштитиме традицијата од заборавот, ја организираме и културната манифестација „Петровденски конаци“ – рече градоначалникот Николчо Илијев, кој ја отвори манифестацијата.
Флејтиската Златка Митева и пијанистката Наташа Трбојевиќ настапија со дела од Стојан Стојков, Александар Џамбазов, Томислав Зографски, Љубомир Бранѓолица, Трајко Прокопиев и други македонски автори.
Митева и Трбојевиќ се професорки по флејта и пијано, со богата биографија во образованието и концертната дејност. Самостојно и како членови на камерни состави тие концертрираат како во Република Македонија, така и надвор од неа.
Концертот го следеше и Панда Зографска Беличанец, директорка на Фондацијата Зографски, која го изрази задоволството од настанот посветен на македонските композитори и најави можност за соработка со Кочани по повод 85-годишнината од одбележувањето на раѓањето на Томислав Зографски.