Општина Кочани ги започна активностите за избор на најповолен понудувач за изработка на проектна документација за изградба на мини акумулација на Осоговските Планини, за водоснабдување на туристичкиот центар  Пониква.

– Со цел да ги подобриме инфраструктурните услови на Пониква, од општинскиот буџет за оваа година издвоивме 2.118.644 денари за изработка на проектна документација за изградба на мала акумулација на Арамиска Чешма, во непосредна близина на Пониква, чија примарна намена ќе биде да обезбеди водоснабдување за туристичкиот центар. Во тек е постапката за избор на фирма што ќе ги направи истражаните геотехнички испитувања и ќе изработи иден и основен проект за браната – соопшти градоначалникот на Кочани Николчо Илијев.

Според тендерската документација, освен за водоснабдување на туристичката населба и потребите од вода за поила, акумулацијата ќе се употребува и за производство на вештачки снег, а според најавите, во следна фаза се планира и нејзино прилагодување за екстремни зимски спортови.

Вкупниот капацитет на браната е планиран на 52 илјади метри кубни вода, а висината на насипниот преграден ѕид е 19,5 м. Со оглед на специфичната локација на акумулацијата, за да се обезбедат доволни количини вода, покрај од постојниот поток, предвидено е да се изградат и три доводни канали со должина од 660 до 1 300 метри, кои ќе опфаќаат дополнителна сливна површина.

Проектната документација треба да биде изработена во период од седум месеци по потпишувањето на договорот со фирмата што ќе биде избрана на тендерската постапка.

За актуелната локална власт решавањето на водоснабдувањето на Пониква е еден од приоритетите за обезбедување поквалитетни услови за развој на туризмот во овој дел на Осоговските Планини. Изготвената проектна документација ќе овозможи побрз пристап до финансиските фондови за реализација на проекти од ваков вид.