Со првиот шут на топката од центарот на спортскиот терен во СОУ „Љупчо Сантов“ од страна на секретарот на Општина Кочани Дејан Рашков, вечерва започна 20. Петровденски турнир во мал фудбал.
Турнирот за отворен го прогласи Кристина Атанасова-Арсова, член на Советот и заменик-градоначалничка на Општина Кочани, која во изјавата за медиумите истакна дека со Петровденскиот турнир започнува одбележувањето на Петровден, празникот на Кочани.
– Очекуваме турнирот да биде спортско уживање овие денови. Теренот е подготвен со обновени рефлектори и нови мрежи на головите. Им благодариме на екипите коишто покажаа интерес за учество на турнирот и очекуваме тој да помине во една пријатна атмосфера и добро дружење. Градоначалникот Љупчо Папазов обезбеди награди за трите најдобро пласирани екипи, по 60, 30 и 15 илјади денари. Спортот не е само игра, спортот е образование, наука, начин на живот, етика, натпревар, спортот е основна индиција во нашиот живот и сите треба одговорно и перманентно да го негуваме.
На овогодишниот Петровденски турнир ќе се игра според правилата за футсал, а со распоредот се планирани два до три натпревара дневно, сѐ до 12 јули, кога ќе биде завршницата со доделување на наградите.