Започна петтото издание на Ликовната колонија „Свети Пантелејмон“ коешто годинава е дел од меѓународната стопанско-културна манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.
– На падините на Осоговските Планини, на Пониква, творат 14 учесници на возраст од 14 до 18 години, талентирани ученици и студенти по ликовна уметност од Неготино, Скопје, Кавадарци, Кочани, Прилеп и Куманово. До сабота, 15 октомври, тие имаат задача да изработат по две дела во акрилна техника, главно со мотиви од местото каде што престојуваат. В сабота претпладне ќе работат покрај кејот на Кочанска Река, каде што ќе имаат средба и со делегациите-гости на манифестацијата. Очекуваме плодна и успешна работа и убави дела и од ова издание на Ликовната колонија – соопшти м-р Александра Димитрова, под чие менторство се одвива Колонијата.
Делата на младите уметници ќе бидат изложени пред кочанската публика в недела, на 16 октомври, во Паркот на Револуцијата, каде во рамките на „Деновите на кочанскиот ориз“ ќе бидат изложени етноелементи и концерт ќе одржи групата „Љубојна“ со Џамбо Агушев.