– Тендерската постапка за избор на изведувач за реконструкција на дворот на Основното училиште „Малина Попиванова“ е во завршна фаза. Фирмата со најповолна понуда на електронската аукција ќе склучи договор на 4.135.969 денари, од кои 2.700.000 се од Швајцарската агенција за развој и соработка преку проектот нa УНДП, „Зајакнување на општинските совети“ – соопштуваат општинските служби.
Изборот на изведувач за реконструкцијата на дворот на ОУ „Малина Попиванова“ доаѓа по три претходни обиди, по кои Советот на Општина Кочани го измени Планот за јавни набавки за општинско кофинансирање на проектот во висина од 1 милион денари, за кои се зголеми проценетата вредност. По истекот на рокот за жалба и доставување гаранција, избраниот изведувач ќе го потпише договорот и ќе почне рокот за изведба.
Проектот „Изградба на спортско-рекреативен центар во ОУ ‘Малина Попиванова’“ е избран како приоритетен на Форумот во заедницата што се реализираше минатата година во Кочани. За имплементација на овој проект е потпишан договор помеѓу УНДП и Општина Кочани.