Со прес-конференција што се одржа во Благоевград, беше означена завршницата на проектот „Зелени згради за заедничка зелена иднина“, проект финансиран од ИПА-програмата, преку Источниот плански регион во Република Македонија и Обласната администрација во Благоевград.
За овој проект беа наменети 408 илјади евра со кои се реконструираа во енергетски ефикасни административните згради во Кочани и во Благоевград.
– Заедно со Центарот за развој на Источниот плански регион како водечки партнер и Општина Кочани како краен корисник, од проектот GREEN успеавме да реализираме низа активности значајни за заштитата на животната средина и да ги зајакнеме капацитетите на основците и средношколците кои беа вклучени во кампањата за климатски промени. – рече во своето обраќање претседателот на Источниот плански регион и градоначалник на Општина Кочани, Николчо Илијев.
Според Илијев Интеррег ИПА-програмата за прекугранична соработка е единствената отворена програма за нашиот регион и претставува одлична можност преку соработка со нашиот сосед да реализираме значајни проекти за нашите општини и за прекуграничниот регион.
На свеченоста во Благоевград присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, кој го потенцираше значење на ваквите проекти реализирани со Прекугранична соработка и додаде дека податоците покажуваат дека ИПА е најуспешната и најискористената програма кај нас што докажува дека субјектите ги имаат изградено капацитетите.